Дехидрираната кожа наизглед има недоволно сјај и има чувство на непријатна, интензивна, постојана затегнатост. Кожата чеша, особено откако ќе се измие, а исто така има и  сквами. Ова е невообичаена, привремена состојба која не е зависна од сувиот тип на кожа. Ова значи дека лесно може да се случи и мрсната кожа да има периоди кога е дехидрирана. 

Што ја предизвикува дехидрацијата на кожата?

  • Водата, исто како и воздухот, е суштински елемент за животот. Водата сочинува околу 65% од вкупната тежина на телото на еден возрасен човек.
  • Така, човек кој тежи 70 килограми, има околу 49 литри вода, од кои 15% се концентирани во кожата. Водата игра суштинска улога во кожата. Кожата е резервоар од кого црпат останатите органи. Таа ја олеснува размената со надворешната средина: водата се движи од дермисот кон површината со продирање низ различните слоеви по пат на дифузија.
  • Овој тек на водата се вика трансепидермално губење на водата (TEWL).
  • Природно заштитен со хидролипиден филм на површината, орожнетиот слој (надворешниот слој на епидермисот) го ограничува процесот на губење на водата.
  • Ако се наруши оваа физиолошка бариера, TEWL се забрзува, сушејќи ја така кожата.
  • Водата во дермисот повеќе не циркулира до епидермисот, хидролипидниот филм престанува да функционира нормално.

Дехидратацијата можат да ја предизвикаат различни фактори:

 

Фактори од околината како студ, ветер, загадување, УВ зраци, итн.;
Надворешни фактори како цигари или алкохол;
Емотивни фактори стрес или умор;
Одредени медицински третмани како третмани на акни, лекови за намалување на нивото на холестерол; и
Козметички производи кои се преагресивни, детергенти кои лупат или сушат.

Кожата е многу чувствителна на недостаток на вода, па затоа има механизам за хидрорегулација.

1) Хидрорегулација на кожата 

Кожата содржи 70% вода. Речиси 75% се наоѓа длабоко во дермисот каде што игра важна улога во отпорноста на кожата.

Два елементи го навлажнуваат епидермисот:

  • статичната вода, која е фиксна,
  • и динамичната вода, која циркулира.

Хидрорегулацијата постигнува рамнотежа меѓу овие две водени компоненти и го обезбедува физичкиот и функционалниот интегритет на кожата. За хидрорегулацијата придонесуваат три главни фактора: NMFs (природни навлажнувачки фактори), липидите во орожнетиот слој и аквапорините.

2) NMFs (природни навлажнувачки фактори), фактори за хидрорегулација


NMFs се молекули кои можат да ја врзат водата во орожнетиот слој; се викаат хумектанти. Најчестите познати NMFs се уреата и млечната киселина. Другите супстанции кои се користат во козметиката ги имаат истите својства; тие вклучуваат глицерин и ксилитол.  

Водата и бариерната функција на кожата

Орожнетиот слој е составен од клетки без јадра, кои се „зацементирани“ со липиди наречени интеркорнеоцитни липиди. Соодветниот квалитет и квантитет на овие липиди е неопходен за интегритетот на орожнетиот слој, па оттаму и за неговата функција како „бариера“. Кога тие недостасуваат или се влошуваат, веќе нема целуларна кохезија. Резултат е зголемување на потењето, исто така наречено и трансепидермално губење на водата (TWL: постојано, лесно и природно испарување на водата која се наоѓа во телото). Добро хидрираната кожа треба да биде способна да ја задржи својата вода, па оттука и важноста на меѓу-корнеоцитните липиди

Што се аквапорини?


Аквапорините се каналите низ кои водата се движи во епидермисот. Овие протеини се направени од кератиноцитни клетки кои го генерираат епидермисот и се вметнати во мембраната за да овозможат премин на молекулите на водата. Ова движење е суштинско за кожата. Епидермисот не е васкуларизиран. Сите елементи кои се потребни за живот на клетките (минерални соли, витамини, хранливи елементи, итн.) што се носат преку крвта до  дермисот стигнуваат до површинските слоеви благодарение на аквапорините. Без аквапорините, епидермисот не би можел да се „храни“. 

Како да се види разликата меѓу сува и дехидрирана кожа?

Дехидрираната кожа е секогаш привремена состојба која може да се третира и врати во нормала со употреба на соодветни производи. Тоа е менување на површинскиот слој на епидермисот на кого му недостасува вода. Овој недостаток на хидратација ја нарушува функцијата на бариерата на кожата и доведува до непријатност. Од друга страна, сувата или многу сувата кожа е трајна состојба која опишува посебен тип на кожа на кого му недостасуваат и вода и липиди. Прочитајте повеќе за сувата и многу сувата кожа овде. (линк до сува и многу сува кожа)

Кој е погоден?

Сите видови кожа можат да станат дехидрирани во одредени околности или за време на одредени годишни времиња. 

Дерматологот ќе го потврди вашиот вид кожа и ќе Ви помогне да ги идентификувате потенцијалните фактори за дехидратацијата, како промената на работната средина, пливање во базен, користење агресивен сапун или гел за туширање или лекарски третман. Ако можете да го идентификувате факторот одговорен за дехидратација, морате да го отстраните колку што е можно побрзо. 

  • Иако дехидратацијата на кожата е поврзана со лошото движење на водата низ кожата, треба да бидете сигурни дека сте хидрирани со пиење барем 1,5 литри вода дневно (освен ако лекарот не ви каже поинаку).
  • Обидете се да задржите здрава атмосфера во затворен простор со избегнување на претоплување или климатизирани простории што го забрзуваат испарувањето. Исто така, секогаш е важно да одберете неагресивни производи за чистење и нега на кожата.
  • Употребувајте рехидрирачки, без детергенти и, ако е неопходно, помасни производи за чистење (во вид на млеко, крем, балзам, масло, во зависност од областа или степенот на сувост).
  • Целта е да се намали испарувањето на водата, да се задржи доволно вода во eпидермисот и да се поправи оштетената бариера на кожата. 

За лицето и телото, користете производи кои имаат соодветна киселост и кои не содржат агресивни сурфактанти, како синдет без сапун или маслена купка.

Двапати дневно по миењето, нежно нанесете емолиент за хидратација за да ја повратите бариерата на кожата и да ја намалите затегнатоста. Заштитете се ако се изложувате на интензивно студенило или УВ зраци. Не заборавајте да ја хидрирате кожата по користење на базен за да го намалите ефектот на сушење што го има хлорот.